Емил

среда, октомври 11, 2006

РЕПОРТАЖА: НА ПАТ КОН ВСЕЛЕНАТА – ЅВЕЗДЕНИОТ ГРАД

Недалеку од главниот град на Русија, Москва, во прекрасна шума обрасната со танки, но високи стебла се наоѓа Ѕвездениот град. Неговото официјално име е Центар за подготовка на космонаути “Гагарин”. Овој мини-град е основан во 1960 година, а името на првиот космонаут го добил во 1968. Не може точно да се даде одговор на прашањето кој му го дал името “ѕвезден”, но така го нарекуваат сите, а и на патоказите што водат кон него е напишано ова неофицијално име.

Уште на самиот влез во градот се гледаат знаци кои сведочат за тоа дека на мештаните им е блиска темата за космички летови. Во деведесетите години во услови на дефицит беше навистина тешко да се добие пропусница за ова место зашто токму во овој град во продавниците имаше сé. Во денешно време дефицитот не постои, режимот со пропусници е сé уште строг, така што не е едноставно да се влезе во овој град.

Односот на мештаните од овој град кон Јуриј Гагарин е навистина топол. Тоа воопшто и не е чудно: најголем дел од жителите се космонаути, нивните семејства, а исто така научнуци и инженери. Во Ѕвездениот град не се продаваат станови. Токму затоа тука не можат да се најдат луѓе чиј живот не е поврзан со космосот. Градот е поделен на два дела - службен и станбен.

Кога се наоѓаме на службената територија на Ѕвездниот град се гледаат сите учебни оддели во кои се подготвуваат космонаутите. Тука е центрифугата во која “се вртат” космонаутите. Многумина ќе се запрашаат зошто токму центрифуга и како изгледа таа. Наизглед тоа е еден куп железо, но нејзините вртежи во сите правци и насоки се навистина зачудувачки. Наоѓајќи се пред оваа машина ретко кој би се согласил да се “повози” на неа. Ваков уред нема никаде на светот. Порано на космонаутите во оваа машина им биле задавани 15 единици, односно тие чувствувале сила која била петнаесетпати поголема од онаа на земјината тежа. Во денешно време на оваа машина се работи со осум мерни единици. За време на тренинзите во контролната соба се наоѓаат голем број лекари и научници кои постојано ја следат состојбата на космонаутот во кабината. За следење се користат аудио-визуелни направи, како и специјално копче кое космонаутот мора да го држи постојано притиснато со што им сигнализира на оние во контролната соба дека сé уште е при свест.

Понатаму следува кабините “Сојуз ТМ” и “Сојуз ТМ-а”. Не станува збор за макети туку за вистински вселенски бродови. Во нив космонаутите тренираат и полагаат испити. Ефектите на престој во космосот се постигнуваат со помош на компјутер. Космонаутот управува со леталото гледајќи на монитор, кој дава речиси веродостојна слика од космосот. Сите чекори на екипажот се контролирани од специјалистите кои седат на пултот во непосредна близина на космичкиот брод. За време на полетувањето, слетувањето и маневрите на орбитата космонаутите обврзно облекуваат скафандер од типот “старт-финиш”.

Доколку прошетате по бродот може да видите многу работи што наликуваат на оние од “Ѕвездени патеки”. Ако случајно ве фаќа клаустрофобија тогаш спалните соби дефинитивно не се за вас зашто во нив се наоѓаат само неколку најнеопходни работи. Интересно е што додека се наоѓаат во космосот членовите на екипажот не јадат седнати на маса, ами висат, а нивната храна се наоѓа во оние пластични кутии што личат на детска играчка. Велат дека храната на космонаутите е вкусна, а тие изјавуваат дека додека се во космосот нивниот вкус се менува: она што на земјата им било вкусно во космосот не е и обратно. Главен прибор во космичкиот брод е барометарот зашто секоја промена на притисокот е знак за тревога. Она што е интересно е дека во космосот најмногу се цени водата, така што секоја кондензација од бродот се собира во посебен резервоар во кој таа се прочистува и се употребува за пиење.

До вселенскиот брод е сместен одделот за тренинг каде се наоѓа станицата “Мир”. За овој оддел може да се каже дека е вистинско ремек-дело зашто е изработено идентично на вселенската станица, а згора на тоа сите корекции што се направени во вселената се внесуваат и тука. На ова место космонаутите ги проучуваат сите детали од станицата и секако стекнуваат искуство за работа на неа.

Малку понатаму се наоѓа и одделението со фрагменти на меѓународната космичка станица каде космонаутите можат да се запознаат детално со секој нејзин дел и начинот на работа одделно. Ова овозможува дистанцирање од станицата во целост и сосредоточување на задачата што му е зададена на секој од космонаутите. И во овој оддел, како и во станицата “Мир”, обврзно е носењето на скафандери, при што космонаутите се навикнуваат на нив и, секако, на нивната тежина, која порано достигнувала и до 110 килограми.

Доклку, пак, продолжиме понатаму по алејата ќе стасаме до хидролабораторијата. Ова е навистина интересен дел зашто посетителие на Ѕвездениот град можат да ги видат космонаутите “во акција”. Станува збор за огромна метална топка исполнета со вода во која космонаутите вежбаат работа на отворено, под вова и под притисок што е мошне важно за нивната кондиција во вселената. На топката се наоѓаат многубројни округли прозорчиња низ кои посетителите можат да видат сé што се случува внатре, но тоа мораат да го прават претпазливо и никако не смее да им падне на ум да мавтаат или, пак, да тропаат по нив зашто со тоа ќе ги деконцентрираат космонаутите кои вежбаат.

Оттука патот води надвор кон прекрасниот и мирен парк во кој можете повторно да се вратите на Земјата и да ги средите впечатоците од ова кратко патување низ космосот.

3 Comments:

  • prekrasnoooooooooooo
    ti blagodaram za reportazata

    By Blogger gersanina, at 9:37 претпл.  

  • Исто како да сум бил во ѕвездениот град. Е добро де, сега малку ти заавидувам ама тоа е? :)
    Биди добар

    By Blogger ribaro, at 4:11 попл.  

  • Оти не си кажал дека си одел во Ѕвездениот град, ќе ти порачавме нешто

    By Blogger Unknown, at 12:31 претпл.  

Објави коментар

<< Home