Емил

недела, октомври 22, 2006

ШТО Е ЉУБОВ?

Да си спие секој на својата страна од креветот. Гушкањето и гњавењето не се нешто што е пожелно за добар сон. Ако се гушкаме, не значи и дека се сакам!

Да не правиме ништо, ако не сакаме да правиме ништо. Нема зошто да се лути едниот на другиот. Едноставно ми се лежи не ми се прави ништо. Тоа не значи дека некој некого не сака!

Помогни ми малку да се средам. Ние сме заедно, ти ми го гледаш мозолчето. Та, помогни ми да го стиснам. Демек ти тоа не го правиш за себе? Потоа ќе си ги измиеш рацете и се ќе биде во ред.

Излегувањето сам не значи дека некој од некого сака да се ослободи. Убаво е понекогаш, колку за постигнување рамнотежа и закрепнување на самостојноста, да се излезе сам.

Ако правиме муабет само за тоа колку се сакаме, значи дека нешто не е во ред со нас. Можеме да правиме муабет за се и сешто и тоа треба да биде примарното во нашата љубов.

Кога одам на шопинг, сакам да купам она што мене ми се бендисува. Затоа, кога ќе се вратам дома не сакам критики за тоа колку пари отишле на нешто. Едноставно, втората преграда од паричникот е моја.

Ако ти кажам дека не ми се прави муабет, не значи дека не те сакам. Едноставно од се ми е преку онаквото и сакам да бидам малку сам со себе. Остави ме да си го изладам мозокот.

Мораме да имаме заедничка музика, заеднички филмови, заеднички книги, заеднички пријатели, заеднички… Тие ни се за кога сме заедно. А, кога не сме, тогаш секој може да си слуша своја музика, да си гледа свој филм, да си чита своја книга…

понеделник, октомври 16, 2006

МОИТЕ ПАРФЕМИ

Инспириран од постот на http://www.striking_beauty.blog.com.mk/ посветен на романот “Парфем” од Патрик Зискинд, решив да им се посветам на мирисите, оние убавите, на неговото величество ПАРФЕМОТ. Мислам дека сиот свој живот сум бил опседнат со него, што од искуство знам дека не е вообичаено за нашава средина. Еве ги моите омилени парфеми, оние што нон-стоп ми се во оптек и без кои не можам да живеам!

SALVADOR
Овој парфем од линијата на Salvador Dali, за првпат бил пуштен во употреба во 1992 година. Неколку години подоцна го имав во своите раце. Во него се измешано најхаризматичните мириси на светов. Фугер, пачули, кедар, лаванда, мошус и сандалово дрво. Невидена комбинација, која го прави мажествен, а нежен, силен и сладок, едноставно неодолив. Тоа е мојот парфем број еден и не го давам за ништо. Ако некој навистина сака да го има ќе мора и да се потруди за да го набави. Кај нас го нема, но секако на фри шоповите по големите аеродроми може да се најде.
LE MALE

Прво што ќе ве плени кај овој парфем од линијата на Jean Paul Gaultier е уникатната амбалажа. Метална кутија во која се наоѓа машко морнарско торзо. Мирисот е апсолутно невообичаен. Сладок, со многу морски елементи. Чувството на разблажен мошус е константно. За првпат го добив на подарок пред осум години. Веднаш ме занесе, го откри она што е навистина глорифицирачко во мене. Кај нас, секако го има, но нешто ми е сомнително кога го видов во парфимерија. Флаконот наместо да биде матиран со бели хоризонтални линии, беше проѕирно стаклен со сина боја. Сепак, фри шопот е најсигурна варијанта.

BODY KOUROS – BLACK

Мислам дека е најстариот под овој назив од линијата на Yves Saint Laurent. Уште кога се појави во продавниците во 2000 година, ме примами. И, секако, на следното мое патување го купив. Првото што се чувствува во овој парфем е неодоливиот спој на еукалиптус со кедар. Него го користам обично преку ден, зашто од една страна е сладок и јак, тип на парфеми какви што сакам јас, а од друга страна не е многу нападен, зашто еукалиптусот му дава свежа нота.

LE ROY SOLEIL

Уште еден парфем од линијата на Salvador Dali. За првпат се појави пред речиси седум години. Тоа беше првиот стрејт парфем од оваа колекција. Нешто што е навистина интересно: спој на ароматични дрва со тутун. Просто е неверојатно како може тутунот да има толку добар мирис. Јас си го користам преку ден, зашто е свеж и лесен. Го има и во мали пакувања, во облик на пенкало, кои можат слободно да се носат во џеб. Повеќе нема причина за мажите да не користат парфем.

DAVIDOFF COOL WATER – SEA, SCENTS AND SUN

Многу ми е мило што успеав да го фатам овој парфем, зашто беше пуштен во ограничена количина. Всушност, благодарен сум му на Игор кој на доаѓање од Амстердам ми го донесе. Оригиналната верзија е произведена во 1998 година, а оваа што мене ми е омилена е од пред една година. Се уште го има во фри шоповите, зашто откако ограничените количини беа потрошени за ужасно кратко време, производителот реши повторно да го происведува. Она што е интересно е што освен стандардот на cool water, во оваа варијанта има повеќе мошус и други масла од алги, кои го доловуваат незаборавниот мирис на морето.

GAMBIT

Ова е модрена верзија на некогаш познатиот Brut. Англискиот производител на парфеми Scentsational го создаде и го пушти во продажба пред две години. Но тогашната и сегашната верзија се разликуваат. Во прво време овој парфем беше со траење на дезодоранс, а во сегашната трае колку и останатите поарфеми, а згора на тоа и мирисот е многу посилен. Доминира миризбата на егзотични дрва, како што е сандалот, измешани со мирис на лимон.

BLV NOTTE

Одличен парфем за мажи од линијата на Bvlgari. Овој парфем, како што кажува и самото име, е вечерен. Машката верзија е спој на ѓумбир, тутунов цвет и масло добиено од егзотичното дрво венги, а сето тоа зачинето со мирис на темна чоколада. Астролозите Сузан Милер и Жан Моран им го препорачуваат овој парфем на оние што се родени во знакот на Овен, Близнаци и Бик. П.С. Јас сум Бик!

LOOTOS

Единствено и незаборавно мирисливо масло. Името е добиено од арапска варијанта на зборот лотос, кој пак е познат и како египетска водна лилја. Потребни се само неколку капки на вратот и прекрасниот ориентален мирис на лотосот останува на кожата преку цел ден. Доколку се најдете во некоја арапска земја, особено во Египет, не заборавајте да си го купите – едноставно е неодолив.

среда, октомври 11, 2006

РЕПОРТАЖА: НА ПАТ КОН ВСЕЛЕНАТА – ЅВЕЗДЕНИОТ ГРАД

Недалеку од главниот град на Русија, Москва, во прекрасна шума обрасната со танки, но високи стебла се наоѓа Ѕвездениот град. Неговото официјално име е Центар за подготовка на космонаути “Гагарин”. Овој мини-град е основан во 1960 година, а името на првиот космонаут го добил во 1968. Не може точно да се даде одговор на прашањето кој му го дал името “ѕвезден”, но така го нарекуваат сите, а и на патоказите што водат кон него е напишано ова неофицијално име.

Уште на самиот влез во градот се гледаат знаци кои сведочат за тоа дека на мештаните им е блиска темата за космички летови. Во деведесетите години во услови на дефицит беше навистина тешко да се добие пропусница за ова место зашто токму во овој град во продавниците имаше сé. Во денешно време дефицитот не постои, режимот со пропусници е сé уште строг, така што не е едноставно да се влезе во овој град.

Односот на мештаните од овој град кон Јуриј Гагарин е навистина топол. Тоа воопшто и не е чудно: најголем дел од жителите се космонаути, нивните семејства, а исто така научнуци и инженери. Во Ѕвездениот град не се продаваат станови. Токму затоа тука не можат да се најдат луѓе чиј живот не е поврзан со космосот. Градот е поделен на два дела - службен и станбен.

Кога се наоѓаме на службената територија на Ѕвездниот град се гледаат сите учебни оддели во кои се подготвуваат космонаутите. Тука е центрифугата во која “се вртат” космонаутите. Многумина ќе се запрашаат зошто токму центрифуга и како изгледа таа. Наизглед тоа е еден куп железо, но нејзините вртежи во сите правци и насоки се навистина зачудувачки. Наоѓајќи се пред оваа машина ретко кој би се согласил да се “повози” на неа. Ваков уред нема никаде на светот. Порано на космонаутите во оваа машина им биле задавани 15 единици, односно тие чувствувале сила која била петнаесетпати поголема од онаа на земјината тежа. Во денешно време на оваа машина се работи со осум мерни единици. За време на тренинзите во контролната соба се наоѓаат голем број лекари и научници кои постојано ја следат состојбата на космонаутот во кабината. За следење се користат аудио-визуелни направи, како и специјално копче кое космонаутот мора да го држи постојано притиснато со што им сигнализира на оние во контролната соба дека сé уште е при свест.

Понатаму следува кабините “Сојуз ТМ” и “Сојуз ТМ-а”. Не станува збор за макети туку за вистински вселенски бродови. Во нив космонаутите тренираат и полагаат испити. Ефектите на престој во космосот се постигнуваат со помош на компјутер. Космонаутот управува со леталото гледајќи на монитор, кој дава речиси веродостојна слика од космосот. Сите чекори на екипажот се контролирани од специјалистите кои седат на пултот во непосредна близина на космичкиот брод. За време на полетувањето, слетувањето и маневрите на орбитата космонаутите обврзно облекуваат скафандер од типот “старт-финиш”.

Доколку прошетате по бродот може да видите многу работи што наликуваат на оние од “Ѕвездени патеки”. Ако случајно ве фаќа клаустрофобија тогаш спалните соби дефинитивно не се за вас зашто во нив се наоѓаат само неколку најнеопходни работи. Интересно е што додека се наоѓаат во космосот членовите на екипажот не јадат седнати на маса, ами висат, а нивната храна се наоѓа во оние пластични кутии што личат на детска играчка. Велат дека храната на космонаутите е вкусна, а тие изјавуваат дека додека се во космосот нивниот вкус се менува: она што на земјата им било вкусно во космосот не е и обратно. Главен прибор во космичкиот брод е барометарот зашто секоја промена на притисокот е знак за тревога. Она што е интересно е дека во космосот најмногу се цени водата, така што секоја кондензација од бродот се собира во посебен резервоар во кој таа се прочистува и се употребува за пиење.

До вселенскиот брод е сместен одделот за тренинг каде се наоѓа станицата “Мир”. За овој оддел може да се каже дека е вистинско ремек-дело зашто е изработено идентично на вселенската станица, а згора на тоа сите корекции што се направени во вселената се внесуваат и тука. На ова место космонаутите ги проучуваат сите детали од станицата и секако стекнуваат искуство за работа на неа.

Малку понатаму се наоѓа и одделението со фрагменти на меѓународната космичка станица каде космонаутите можат да се запознаат детално со секој нејзин дел и начинот на работа одделно. Ова овозможува дистанцирање од станицата во целост и сосредоточување на задачата што му е зададена на секој од космонаутите. И во овој оддел, како и во станицата “Мир”, обврзно е носењето на скафандери, при што космонаутите се навикнуваат на нив и, секако, на нивната тежина, која порано достигнувала и до 110 килограми.

Доклку, пак, продолжиме понатаму по алејата ќе стасаме до хидролабораторијата. Ова е навистина интересен дел зашто посетителие на Ѕвездениот град можат да ги видат космонаутите “во акција”. Станува збор за огромна метална топка исполнета со вода во која космонаутите вежбаат работа на отворено, под вова и под притисок што е мошне важно за нивната кондиција во вселената. На топката се наоѓаат многубројни округли прозорчиња низ кои посетителите можат да видат сé што се случува внатре, но тоа мораат да го прават претпазливо и никако не смее да им падне на ум да мавтаат или, пак, да тропаат по нив зашто со тоа ќе ги деконцентрираат космонаутите кои вежбаат.

Оттука патот води надвор кон прекрасниот и мирен парк во кој можете повторно да се вратите на Земјата и да ги средите впечатоците од ова кратко патување низ космосот.

четврток, октомври 05, 2006

СИ ЈА ПУШТИВ ФАНТАЗИЈАТА

Деновиве многу размислував за луѓето кои ги читам на блог и оние кои ме читаат. Во главава си правев слики, визуелизирав, како би можеле да изгледаат тие луѓе. И така размислував за 8 личности, па потоа ми текна и седнав да гуглам и да најдам слики со кои би можел да си дадам претстава како изгледаат тие. Еве дветмина, иако реков дека размислував за осум. Последната имав веќе чест да ја запознаам, така што веќе знам како излегда. П.С. Се надевам дека ако некој од нив го погледне ова нема да се налути, заштоп тоа е само измислица на мојата сива мозочна маса! ;-)
Јас си ја викам Ана Ахматова. Тоа е мојата омилена поетеса, односно поет. Девојката, според зборовите, ми изгледа многу мило и затоа и дадов и мило име.

Ова е демек Дуле кога бил мал. Не го познавам, ама мислам дека и до денес прави ваква фаца. Кај него ми се допаѓа тоа што е секогаш подготвен за креативно спорење, а на крајот знае и да отстапи, ако види дека нештата за кои се зборува не се баш онакви какви што мислел дека се.

http://www.e-lady.blog.com.mk/

Ова е дамата која понекогаш покажува заби, ама знае да биде и мошне нежна на зборови. Кај неа ми се допаѓа тоа што не се подведува под туѓи мислења.

http://www.ogisinko.blog.com.mk/

Еден од ретките припадници на машкиот пол, што се секусални, ама не се фалат со тоа. Морам да признаам дека во најголемиот дел случаи има право за тоа што го зборува.

http://www.try_km.blog.com.mk/

Е, оваа личност навистина знае да ме изненади со своите фантазии на блогот. Понекогаш можам со часови да седам и да размислувам, да размислувам, да размислувам...

http://www.ribaro.blog.com.mk/

Го чувствувам како секогаш да им се радува на луѓето. Мислам дека е искрен и отворен кон сите, но тажен е кога луѓето ќе го изневерат.

http://www.nestolicno.blog.com.mk/

Многу ми е драго кога ќе прочитам нејзини кометари, зашто секогаш ги охрабрува луѓето во она што го прават добро. Мислам дека е многу толерантна и дека ги сака луѓето.

http://www.pincherbarnet.blog.com.mk/

Е, него го читам поради тоа што си пишува дневник. Некако сум запознаен со неговиот живот. Единствена желба ми е да му го прочитам и тајниот дневник, сигурно има некој фетиш таму.

http://www.refleksii.blog.com.mk/

Неа, за среќа, веќе ја запознав. Џаз, не знам зошто, ама кога ја видов сликава многу ме потсети на тебе, иако знам дека немате никаква допирна точка - едноставно тоа е нешто со бубачките во мојава глава!

среда, октомври 04, 2006

РЕПОРТАЖА: НАЈРОБИ – ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА АФРИКА

Додека со авион се спуштате кон црвената африканска земја пред вас се отвораат вратите на еден од најмодерните градови на тој континент – Најроби. Кенија е горда што нејзината престолнина примамува многу туристи кои доаѓаат во него за да ја почувствуваат африканската природа и оттука да тргнат кон нови авантури на кои ќе се сеќаваат сиот свој живот. Најроби е модерен и космополитски град кој има многу што да понуди. Првото нешто што ќе го слушнете тука е Jambo na Karibu што во превод значи “здраво и добредојдовте”. И навистина е така. Најроби е еден од најгостољубивите градови не само во Африка, туку и во светот.


Она што прво го плени секој посетител е природата која Кенијците ја чуваат како зеница во очите. Во центарот на градот се наоѓа паркот Уру кој е и најпосетен во текот на целата година, токму поради неговата местоположба. Во него ќе видите многубројни птици кои се типични за африканското поднебје. Тие нема да се исплашат од вас, доколку немате намера вие да го сторите тоа. Исто така во него можат да се видат и голем број ендемски растенија, кои ги има само во Кенија.

Тука покрај реката се собираат млади луѓе кои со гитарите пеат разни песни што обично му се посветени на мирот, на природата и на дружбата. Покрај нив пеат и играат припадници на различни африкански групи, истакнувајќи ја убавината на африканскиот ритам.

Во близина на Уру паркот се наоѓа и Нациналниот музеј на Кенија. Во него се крие огромен дел од минатото на оваа земја и се зачувани богатствата на африканската истрија. Но, овој музеј не е статичен во поглед на материјалите и информациите што ги поседува. Тој воедно е и научен институт каде постојано се работи на обновување на музејскиот материјал, како и на информациите за експонатите изложенни во него. Она што навистина може да ве зачуди кога ќе влезете во него е етапноста во средувањето на музејскиот материјал. На почетокот ќе наидете на черепи и костури од праисториско време, па како се движите низ историјата ќе дојдете до експонатите кои и припаѓаат на современата кенијска историја.

Откако ќе го напуштите националниот музеј пред вас ќе се најде едно мало здание кое привлекува со својот изглед. Тоа е музејот на живи африкански животни и растенија или како што го нарекуваат “парк на змиите”. Прво нешто со кое ќе се сретнете воо овој музеј е африканската црна мамба, најотровната змија во светот, а до неа се наоѓа домот на најголемата и најдолга змија – питонот, за кој ќе ви требаат неколку минути да погодите каде му се наоѓа главата, а каде опашка. Во средината, пак, е сместено мало паркче, заградено со камена ограда, во кое живеат желки. Тука може да се видат желки со должина од еден метар кои неподвижно седат во аглите на оградата.

Во понатамошната прошетка ќе ги видите и крокодилите и алигаторите кои мрзеливо се движат низ водата. Во посебно издвоен дел од овој музеј се наоѓаат и аквариуми со ендемски видови риби. Во него можете само да бидете фасцинирани од боите што природата им ги подарила на овие живи суштества. Некои од нив се плашат кога ќе им се доближите, а други, пак, се собираат до работ на аквариумот.

Напуштајќи го овој дел се приближувате до музејот на растенија. Во него се наоѓаат ендемски растенија што растат во Кенија, а кои се донесени од сите страни на оваа земја богата со флора. Ќе бидете изненадени од нивната форма, од начинот на кој вегетираат, како и од бојата на нивните цветови.

Во близина на овој музеј се наоѓа и еден мал дел кој му е посветен на традиционалниот африкански живот на село. Тука се наоѓаат колиби направени од кал и слама, како и дрвени колиби во кои до денешен ден живеат многу луѓе на село.

Во нивна близина се наоѓа и паркот на скулптури со кој кенијските уметници најмногу се гордеат зашто сите скулптури во него се направени од материјали за кои се сметало дека не се потребни и дека можат слободно да бидат фрлени на ѓубриште.

Еден факт што изненадува. Кенијците им посветуваат големо внимание на свите деца, па затоа тие се присутни во музеите, на разни хуманитарни настани, на концерти и слично. Токму за нив во центароот на градот е направен специјален полигон во кој најмалите можат да ги научат правилата на движење на пешаците и имаат можност да видат како работат автомобилите и мотоциклите, а за оние кои ќе изразат желба можат и да се повозат. Децата во оваа земја се билингвисти, а како втор јазик се јавува англискиот, бидејќи до 1963 година Кенија била британска колонија, а оттогаш па се до денес опстојува како демократска република. Но, како и да е, навиките остануваат запечатени во навиките на населението, така што се смета дека без англискиот јазик не може да се опстојува во земјата. Дури и 95% од телевизиската програма е на англиски јазик.

Она што навистина може да ве растажи во овој град е бедата и болестите. Голем дел од жителите на Најроби живеат во сиромаштија и се трудат на најразличен начин да дојдат до пари: од возење такси, чистење на улици и јавни објекти, па се до продажба на црно по тротоарите. Болестите како што се маларијата, жолтата треска и сидата се речиси секојдневие за жителите на овој град.

Но, колку и да е сурова реалноста, сепак останува фактот дека Најроби е еден од најзелените градови во светот, во кој природата е се уште жива.


вторник, октомври 03, 2006

ТИНО И МАРИНА

Велат дека во одреден преиод од животот луѓето чувствуваат потреба да станат родители. Демек, кај жените тоа чувство било поизразено и се викало мајчински инстинкт. Е, па, според моите искуства тоа не е баш мајчински. Пред две години почувствував потреба дека сакам да се грижам за некого, дека сакам да имам некој кому ќе му ја дадам својата безрезервна љубов и колку-толку ќе бидам сигурен дека ќе ми биде вратена и дека нема да останам со скршено срце.
Значи, тогаш сакав да станам родител. Е, арно, ама, не сум женско за да можам да си родам бебе, а сигурен сум дек нема да можам да најдам некоја девојка што би сакала да ми роди дете и потоа да ми го остави. Затоа решив дека е време за домашно милениче. Размислував што би можело да биде тоа. Риба во никој случај, зашто со неа не се комуницира. Мачка исто така не доаѓа предвид, зашто се многу егоцентрични, а башка мајка ми не сака мачки. Куче не е хумано да се чува во стан, а башка треба секој ден да се шета по неколку пати, а јас немам толку време. И тогаШ на ум ми падна дека е убаво да имам папагал. Уште како дете си го имав Роко, тигрица, најумниот и најубавиот папагал на светот. Живееше осум години, спиеше со мајка ми легнат на перница, комуницираше со нас, се лутеше кога заминувавме, се шеташе по маса кога јадевме. Роко многу сакаше и да се бакнува, а кога ќе се налутеше, ќе одлеташе во својот кафез, ќе влезеше внатре, ќе ја затвореше вратата и ќе ни го завртеше грбот. Потоа моравме да му се додворуваме за да ни се смири.
Една година, на лето, немаше каде да го оставиме додека сите бевме на семен одмор. Бидејќи знаевме дека Роко е паметно суштество, мајка ми му остави полна чинија храна и уште една со вода, па го пуштивме од кафезот за да седи сам 10 дена. Му оставивме и ради вклучено, натемприано кога да се вклучи и кога да се исклучи. По десет дена се вративме. Кога не виде Роко беше избезумен од среќа. Моето срце се скрши кога видов дека чинијата со храна не беше допрена. Роко бил тажен, ништо не каснал.
И така изборот падна на папагли. Моитре другарки Тина и Марина решија дека тие ќе ми подарат папагали за мојот роденден, само требаше самиот да си ги изберам. Отидов во ГТЦ и видов две розели. Веднаш се вљубив во нив. Им кажав на другарките дека нив ги сакам. И така на 23 април 2005 година во мојот дом се најдоа Тино и Марина. Најубавите и најтврдоглави папагали на целиот свет. Очекував дека многу бргу ќе стапам во пријателски контакт со нив и дека ќе си играме и ќе се галиме и ќе се бакнуваме. Ама не бидна така. И не велам дека ми е жал. Јас ги сакам, а и тие мене, само што се држиме на дистанца. Тоа се суштества со карактер и не сакаат многу да им се мешаш во нивните работи.
Но, сфатив една работа, кога не ми било добро Тино и Марина секогаш биле мирни и примерни. Кога сум заспивал покрај нив и кога ќе се разбудам ги наоѓам како ме гледаат, Марина, пак, многу сака да си игра „Ѕе„ со мене (значи јас треба некаде да се скријам и одеднаш да се појавам, а таа да се израдува). Тино и Марина се многу љубоморни кога некој ќе ме гушне, љубоморни се и кога некој ќе седне на моето биро, а не дај Боже да почне да работи на компјутер, е тогаш се лутат и го бркаат. Мило ми е што моите папагали се љубоморни. Тоа е сигурен знак дека им значам нешто. Немам човечки деца, но ги имам ТИНО И МАРИНА.